СВЕТИ ЈОВАН, ЕПИСКОПОТ НА ХЕКСХЕМ И ЈОРК

Example User · 3 years ago

    1 minute, 52 seconds


СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ЈОВАН, ЕПИСКОПОТ НА ХЕКСХЕМ И ЈОРК, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 7 МАЈ

(?-721; John of Beverly)

Светиот отец наш Јован[1] е роден во Харфем (Harpham), во Источен Везд Јоркшир. Како младо момче, бил доверен во грижа на архиепископот Теодор во Кентербери, кој го поучувал, а подоцна и го замонашил, давајќи му го името Јован. По замонашувањето, извесен период се подвизувал во манастирот на Света Хилда во Стриншил (Streanæshealh), денешен Витби (Whitby).

Како монах, се прославил како проповедник и нас­тав­ник, пројавувајќи длабоки познавања во толкувањето на Светото Писмо. На 25 август 687 година тој бил ракоположен за епископ во Хексхем, во земјата, каде што тој претходно жи­веел отшелнички живот во Ерншоу (Erneshowe), на брегот од реката Тајн (Tyne). Свети Јован честопати водел отшел­нич­ки живот, а особено во време на Великиот пост, кога епи­ско­пските активности му дозволувале да има малку слободно време. Во 705 година тој активно учествувал на Соборот во Нид (Nidd), повикан од Осред, кралот на Нортумбрија.

Истата година, по смртта на Бозе (Bosa), Јован бил преместен на епископската катедра во Јорк, по 18 години поминати во Хексхем. За неговата дејност во новата епархија нема многу податоци, освен што се знае дека отворил добродетелни центри, во кои им се пружала разновидна помош на несреќните и бедните. Меѓу учениците, кои биле под негово раководство, попознати се Беретјум (подоцна игумен во Беверли), Херебалд (игумен во Тајнмуд), како и Вилфрид помладиот, кој и го наследил на катедрата во Јорк во 718 година.

Откако ја добил земјата во малото место Индеравуд (Inderawood), кое подоцна е преименувано во Беверли (Beverley), Јован основал манастир, кој за кус период се претворил во важен духовен и подвижнички центар во Англија.

Откако се покажало дека овој центар има потреба од постојан наставник, свети Јован ја оставил епископската служба на својот ученик Вилфрид помладиот и засекогаш се населил во манастирот. За игумен во манастирот го поставил својот ученик Беретјум, па тука, на 7 мај 721 година, блажено се упокоил.

Во 1037 година свети Јован е канонизиран за светител од Римскиот папа Бенедикт IX. Неговите мошти биле пренесени од Елфрик (Еlfric), архиепископот на Јорк, и биле положени во скапоцен кивот. Второто пренесување на моштите се случило во 1197 година, а тие биле отворени за поклонување во 1664 и 1736 година.

Православната Црква неговиот спомен го празнува на 7 мај според Јулијанскиот календар.


[1] Јован (од ивритски јазик) = Господ е милостив, Господова милост, Господова благодат.

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2021/01/31/%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8-%d1%98%d0%be%d0%b2%d0%b0%d0%bd-%d0%b5%d0%bf%d0%b8%d1%81%d0%ba%d0%be%d0%bf%d0%be%d1%82-%d0%bd%d0%b0-%d1%85%d0%b5%d0%b

Related Posts

Image Description
3 years ago

Чудата на Пресвета Богородица (I дел)

Извор: Епископ Велички   Гаврил Светогорец: ЧУДАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА   ЧУДО 1.Раскажување за некои Евреи што ослепеле, а на еден му биле отсечени рацете, па откако поверувале во Христа, биле излекувани од пресвета Богородица.Во она време кога нашиот Господ Исус Христос...

Image Description
3 years ago

Отец Стефан Санџакоски: Образ на кроткоста

Денес, слава Му на Бога, се собравме со радост да го прославиме празникот на гораздиот отец и учител на светата Црква Христова свети Николај, архиепископ мирликиски и чудотворец. Свети Николај бил едноставен, прост човек, совршен во евангелска смисла на зборот. Затоа е славен во целиот свет. Бил син...

Image Description
3 years ago

Свети Ака, епископот на Хексхем

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ АКА, ЕПИСКОПОТ НА ХЕКСХЕМ, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 20 ОКТОМВРИ (660-740; Acca of Hexham) Светиот отец Ака,[1] епископот на Хексхем, роден е во Нортумбрија, во 660 година. Во почетокот на својот подвижнички живот, тој се подвизувал заедно со Босој, идниот е...