Не сме дошле во манастир за некој да ни ја гали суетата… (Митрополит Наум)

Example Admin User · 3 years ago

    2 minutes, 39 seconds


За самооправдувањето

Самооправдувањето е болест која е пораширена, понезабележлива и потешка од судењето и осудувањето.

Самооправдувањето и осудувањето се две страни на една гревовна состојба – гордоста.

Пораширена – затоа што, најчесто, дури и тие што внимаваат да не осудуваат и да не им судат на другите, не внимаваат дека се самооправдуваат.

Понезабележлива – затоа што, најчесто, тој што се самооправдува не го фаќа моментот на гревот на самооправдувањето.

А потешка – затоа што, за разлика од судењето или осудувањето, тој што се самооправдува, покрај гревот на самооправдувањето, прави и повеќе други гревови, како на пример:

непослушание, лажење, осудување, дрскост, противење на Божјата промисла, отфрлање на Божјата благодат итн. А сето тоа покажува многу лоша душевна состојба.

Ајде, по ред, нешто од нешто.

Кога нѐ прекорува духовниот отец, а ние не прифаќаме, директно Го осудуваме Богочовекот Христос дека нешто греши во однос на нас.

Истовремено, не ја примаме Божјата промисла за нас, не го примаме Божјото слово за нас и со тоа ја одбиваме и Божјата благодат од нас.

Се сеќавате како жената Хананејка го прими Божјото слово за себе, кога Христос ја нарече куче, и како со тоа ја прифати и прими и Божјата благодат и Божјата промисла за себе, и како оздраве нејзината ќерка. Да ве потсетам…

Нема полош грев од самооправдувањето пред духовниот отец. Тоа сведочи за многу суета, доста гордост, високо мислење за самите себе.

Самооправдувањето е пречка за каков било духовен развој и напредок; ја разорува самата суштина на христијанскиот идентитет – преку кој ја споделуваме вината за гревот на целиот свет. Итн.

Сѐ што директно значи самооправдувањето пред духовниот отец, индиректно има значење кога се самооправдуваме пред својот ближен; а тоа е исто…

За монах, пак, што се самооправдува, можам само да кажам дека – напразно дошол во манастир и слободно може веднаш да си замине.

Самооправдување може да се случи само ако духовниот отец побара објаснување, и во никој друг небитен случај.

Самооправдување може да се изведе и без зборови – со говор на тело. Исто така, не треба пребрзо – за време додека некој нѐ прекорува, да побараме прошка, и тоа е вид на самооправдување. Некојпат треба да се почека. Итн., итн.

Доаѓаме во манастир со првична цел да го ставиме умот во процес на исцеление преку послушание кон духовниот отец, до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва и просветлувањето на умот; не и потоа.

Во овој процес не треба да паѓаме во логички или во сентиментални замки и да се самооправдуваме.

Логичка замка е ако, на пример, духовниот отец нѐ прекори за нешто кое ние сме го направиле според критериумите на одредено знаење или умешност или занает и, согласно тоа, ние сметаме дека сме во право.

Но, ние не сме дошле во манастир заради, на пример, земјоделие или информатика или иконопис, туку да го ставиме умот во процес на исцеление.

Сентиментална замка е, на пример, ако духовниот отец ни се обрати нервозно.

Исто така, ние не сме дошле во манастир за некој да ни ја гали суетата, туку да го ставиме умот во процес на исцеление, а со тоа и волевиот и желбениот дел на душата; како и чувствата.

Иста е целта и на самото влегување во Црквата – анонимност до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва и на просветлувањето на умот, а не бесрамна – самопромоција, на пример, на социјалните мрежи или општо; која секогаш со себе носи осудување и самооправдување.

Оној што има малку памет, ќе се присети и ќе сфати што зборувам кога спомнувам привремена анонимност; на тој што нема – нема што да се објаснува.

Така што, не може да има истовремено и самооправдување и покајание. Каде што има самооправдување, нема покајание.

Тоа е…
Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит  Наум

Source: https://pokajanie.mk/2020/10/11/29597/

Share:

Example Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Митрополит Струмички Наум: Куќа без темели (21.10.2020)

Куќа без темели (21.10.2020 16:35)И зошто ми велите: „Господи, Господи!“, а не го извршувате она што ви го кажувам? Секој што иде при Мене и ги слуша зборовите Мои, и ги исполнува, ќе ви кажам на кого прилега. Тој прилега на човек, кој прави куќа, па ископа и продлабочи, и постави темели на камен;...

Image Description
3 years ago

Митрополит Струмички Наум: Дејствување сега и овде (30.01.2021 17:13)

Митрополит Струмички Наум     Дејствување сега и овде (30.01.2021 17:13)Сѐ нешто чекаме да се случи, па да преземеме некакви конкретни чекори кон подобрување на нашиот духовен живот. На пример, подобри услови за молитва.Или, чекаме работите во нашиот живот да станат поедноставни...