Копнеж – духовно да се прогледа – „Господи, да прогледам!“ (Дедо Наум)

Example Admin User · 3 years ago

    1 minute, 57 seconds


Копнеж – духовно да се прогледа (10.01.2021 16:58)

Во денешното евангелие (Лука 18, 35–43), слепиот повикува кон Господ Христос:

„Исусе, Сине Давидов, помилуј ме“.

Оваа состојба го покажува првиот степен од духовниот раст – чистењето на срцето од страстите.

За овој степен од духовниот развој се карактеристични усно-умствената молитва и очистувањето на енергијата на умот; но, исто така, и непристапноста на срцето за умот и непросветленоста, т.е. духовното слепило.

Кај слепиот ја забележуваме не само упорноста во усната молитва, туку и свеста дека е слеп и потребата да се ослободи од таа слепост. Има луѓе кои немаат свесност дека се духовно слепи и тие ги гледаат работите согласно своите страсти – што, според Господ, е полошо и од слепило (Матеј 5, 29).

И, како со копнеж ќе повикаш кон Господа да ти ги отвори духовните очи ако си мислиш дека веќе духовно си прогледал?

Ваквата прелест покажува безверие и неспремност за духовен подвиг. А секој подвиг си бара време.

Слепиот верува дека Господ Исус може да го исцели и затоа никој, и покрај забраните, не може да го спречи неговиот молитвен повик кон Него. Тоа е вистинска пројава на вера поврзана со дела.

Истото важи за нас денес. Треба да го освестиме своето духовно слепило, треба да веруваме дека Богочовекот Исус Христос може да нè исцели и треба оваа наша вера да ја докажеме на дело – со што почесто призивање на името Негово, без да дозволиме некој или нешто да нè попречува.

Кога, преку усниот и умствен молитвен подвиг, ќе почнеме постепено да ја чистиме енергијата на умот, истовремено и неосетно ќе почне да се очистува и суштината на умот и ќе стекнуваме благодатна светлина која ќе ни овозможи да согледаме какви сме, да видиме колку сме душевно болни и духовно слепи.

Господ заповеда да Му го доведат.

Тоа е икона на, од Господ основаното, духовно раководство, преку коешто слепиот и единствено може да дојде до Христос.

Оној што е под правилно духовно раководство и е свесен за својата духовна слепост, знае и што најнапред да побара: „Господи, да прогледам!“

Втората состојба почнува кога Христос направи слепиот да прогледа.

Оваа состојба го покажува вториот степен од духовниот раст, а тоа е просветлувањето на умот преку умно-срдечната молитва.

Просветлувањето, од една страна, си бара подвиг за доволно очистена суштина на срцето од страстите, а од друга страна, тоа е Божји дар.

Чистотата на срцето ја овозможува пројавата на благодатта на Крштението во него, како и симнувањето на умот таму.

Бидејќи умот веќе го знае местото на срцето, тој ја напушта усно-умствената молитва и продолжува да се моли внатре во срцето.

Таму, соединет молитвено со Божјата благодат, тој се просветлува.

Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот!

Митрополит Струмички Наум

Source: https://pokajanie.mk/2021/01/10/30430/

Share:

Example Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
2 years ago

БEСEДА за нeизмeрната Христoва љубoв

БEСEДА за нeизмeрната Христoва љубoв И да ја узнаeтe Христoвата љубoв, штo гo надминува сeкoe знаeњe...(Eф. 3:19) Христoвата љубoв штo гo надминува сeкoe знаeњe! Нe oд Бoжјиoт разум, туку oд чoвeчкиoт разум, пoмрачeн и oзлoбeн oд грeвoт. Бидeјќи Бoжјиoт разму e рамeн на Бoжјата љубoв и ниeднo нe e...

Image Description
3 years ago

КАКО ОДАТ РАБОТИТЕ… Митрополит Наум

Како одат работите… Ѓаволот, полека но сигурно, го гради апокалиптичниот свет на илузијата. За таа цел најчесто ги користи таканаречените јавни личности или разни селебрити, како медиуми, односно преносители на неговата илузија, кои станаа урнек според кој целиот свет се сообразува. Колку поголема...

Image Description
3 years ago

Само таква молитва Бог слуша!

Молитва за цел свет (05.09.2020 15:38) Еднаш порано ви реков: доколку веруваме и знаеме дека ние сме никој и немаме ништо, а дека Господ Исус Христос ни е сѐ – и што сме и што имаме, тогаш свесноста за оваа наша состојба ја покажуваме единствено со подвигот на постојано собирање и држење на у...