Свештеник Јани Мулев

(21.09.2013)

Светоста Бог ја дава секому според подвигот, според љубовта која ја покажуваме кон Бога и кон ближните, според мерката од нашето уподобување на Бога, според нашето соединување и единство со Бога. Но секако, Бог има предвид уште многу фактори, како што е времето во кое живееме, местото каде што живееме, семејството, воспитувањето, опкружувањето, менталитетот на околината, духовната клима, состојбата на нашите духовни отци – учители, дали сме во брак или во манастир, и многу други. Бидејќи постојат многу светители, кои имале различни подвизи и призив од Бога, Светата Црква ги категоризирала во повеќе категории:

1. Пророци – оние кои во Стариот завет го подготвувале народот за доаѓањето во тело на Синот Божји, нашиот Господ Исус Христос. Бог им откривал што да му кажуваат тие на народот, а нивните пророштва се однесувале на раѓањето и мисијата на Спасителот Христос. Но пророци не се само оние кои пророкувале, туку тие воедно ја проповедале и ја чувале верата од валкање и искривување.

2. Апостоли и рамноапостоли – дванаесетте апостоли, потоа седумдесетте апостоли, и сите оние кои извршиле голем мисионерски труд, и цели народи и земји ги обратиле во верата, во Светата Црква се наречени рамноапостолни, односно, еднакви на апостолите.

3. Светители – оние кои преку подвижничко-литургиски живот се приближиле до Бога, и од Него добиле светост. Голем дел од нив имаат свештенички и епископски чинови, а во оваа група припаѓаат и најголемите богослови на Црквата Божја.

4. Маченици и свештеномаченици – оние кои со својата крв ја посведочиле верноста и верата кон Бога. Оние маченици кои имале свештенички чин, се нарекуваат свештеномаченици.

5. Исповедници – оние кои претрпеле мачења и страдања заради Христа, но кои не се откажале од Христа, но и не загинале маченички. Тие уште во својот живот имале голема почит од сите во Црквата.

6. Богослови – оние кои со својот богопросветлен ум ги достигнале и објавиле Божествените тајни, боговидци, кои не од човек, ниту од книга се научиле, туку директно од Бога. Такви Црквата има тројца: Свети Јован Богослов (апостол и евангелист), свети Григориј Богослов и свети Симеон Новиот Богослов.

7. Преподобни – светители кои биле монаси, кои со својот живот се уподобиле на Христа, станале премногу слични на Христа, т.е. преподобни.

8. Свети Цареви – христијански цареви кои живееле богоугоден живот (а некои од нив и се замонашиле), направиле големи дела за Светата Црква, спречиле создавање и ширење на расколи и ереси. Голем дел од нив имаат и нетлени и чудотворни мошти. Како цареви тие имаат поинаков подвиг, да војуваат, да ја чуваат Црквата и државата, да ја шират верата, и често пати иако некои од нив имаат направено и тешки гревови, сепак Бог пак им дал светост.

9. Јуродиви (Луди заради Христос) – тежок и доброволен подвиг, кога човек намерно зема на себе подвиг на доброволно лудило, т.е. пред луѓето глуми дека е луд, за да ги избегне пофалбите и почестите од народот, а живее во постојани навреди и понижувања, кои спокојно ги поднесува, и Му благодари на Бога. Нивниот подвиг нема правила, тие често прават и несфатливи и чудни работи, кои стануваат јасни дури по нивната смрт. Ова е еден од најтешките доброволни подвизи, и него го прифаќаат само оние силни по дух, кои Бог ги избира и повикува.

10. Девственици – оние кои ја зачувале својата девственост цел живот, и животот на Бога Му го посветиле. Светиот Јован Крстител како и дел од апостолите биле девственици. Тие се зародиш на монашкиот живот. Затоа најчесто манастирите се посветени на Пресвета Богородица и на свети Јован Крстител – примери за девственички живот.

11. Покајници – оние кои во светот живееле многу грешен живот, и кои имале голема промена и покајание за поранешните гревови. Бог го примил нивното покајание и им ги простил гревовите, па заради нивните промена, љубов и подвижнички живот, Бог ги дарувал со светост.

Постојат и други категории на светители, но овде би сакал да се задржиме на светоста на брачните луѓе, и да ги разгледаме прашањата кои ги измачуваат многумина: Каков подвиг треба да имаат луѓето во брак, за да бидат спасени и да добијат светост? Дали треба да го минат времето само во молитва, и колку и какви подвизи треба тие да имаат?

Читајќи ги поуките на современите старци, кои претежно биле монаси, многумина од верниците сакаат да ги преточат во својот живот нивните поуки. Но, оние што се веќе во брак веднаш наидуваат на големи пречки. Имаат семејни обврски, сопруг/а, деца, работа, дом, и времето за молитва и други подвизи е сведено на минимум. И веднаш оние кои имаат ревност за поинтензивен духовен живот, паѓаат во очај, мислејќи дека, ете, тие не можат во целост да ги исполнат поуките на старците, на духовниците, дека нивниот духовен живот не може да биде на такво високо ниво, како што е на пр. кај монасите, и дека не може да имаат светост затоа што немаат такви подвизи. Веднаш може да констатираме дека тоа е заблуда. Бракот и монаштвото имаат иста вредност, ниту бракот е над монаштвото, ниту монаштвото над бракот. Но и покрај нивната иста вредност, секој од нив си има свои подвизи.

Монахот е повикан животот да го помине во молитва, пост, покајание, воздржание, во стекнување на смирение и совршена љубов, во целосна посветеност и служење на Бога и на ближните. Затоа оној кој сака да биде монах, должен е да се откаже од бракот и од секоја друга материјална приврзаност, за да биде само со Бога, а потоа да им послужи и на ближните. Монахот, особено оној кој нема никаков чин, е посветен само на грижата за личното спасение, и на таквиот му е многу полесно да се искачува по духовната „скала“, од оние кои се во брак. Таквиот пат на монасите и на брачните го споредуваат со искачување на планина. Оној кој се искачува сам, без никаков товар врз себе (семејство), лесно стигнува до врвот, додека, пак, оној кој е натоварен со многу торби и ранци (семејството и грижите околу него) со голема тешкотија и многу бавно се искачува до врвот. Затоа Бог дава очигледна светост кај оние (но не кај сите) кои решиле да се откажат од семејство и да бидат само со Него, додека, пак, на оние кои решиле да стапат во благословен брак, им дава благодат за брачен живот, за да можат да се изборат со брачните искушенија, да ги воспитуваат децата, и да ги изведат на вистински пат.

Оној кој доброволно го прифаќа брачниот јарем, повикан е да се грижи за својот сопруг/а, да создава семејство, да се грижи за раѓањето и воспитувањето на своите деца, да заработува за да го прехрани семејството, да ги обезбеди своите домашни со сите материјални и духовни средства за живеење. Апостолот Павле вели: „Неженетиот се грижи за Господови работи, – како да Му угоди на Господа; а женетиот се грижи за световни работи – како да ѝ угоди на жената. Постои разлика меѓу жена и девојка; неомажената се грижи за Господови работи – како да Му угоди на Господа, за да стане света со телото и со духот; а омажената се грижи за световни работи – како да му угоди на мажот свој. Ова ви го зборувам за ваша корист, не да ви поставам замка, туку за убава и пристојна служба на Господа без пречки“ (1.Кор. 7, 32-35). Значи и бракот и девството (монаштвото) се убава и пристојна служба на Бога, која, доколку се отслужи како што треба, Бог ја наградува со светост. Брачните се повикани на подвигот татковство и мајчинство, на подвигот за воспитување на деца (идни монаси, свештеници, епископи), а целта на секој подвиг е љубовта. Во таков подвиг подвизувајќи се, многу побожни родители добиваат светост заради големиот труд и посветеност на Бога и на семејството, како што гледаме во житијата на светиите, на пр. Светите Јоаким и Ана, Захарија и Елисавета, мајката на свети Симеон Дивногорец – света Марта, бабата на свети Владимир – света Олга, света Емелија – мајката на свети Григориј Ниски, свети Василиј Велики, света Макрина, свети Петар еп. Севастиски, света Теозвија; мајката на свети Григориј Богослов – света Нона и многу други свети родители. Има уште многу свети родители, кои Бог не ги дарувал со дар на чудотворство, и кои не се канонизирани во диптихот на светителите, а сепак пред Бога се свети. Тоа се оние кои со солзи и молитви ги воспитале своите деца и од нив направиле богослужители. Доволно е да ги прочитаме житијата на некои од современите свети старци и старици, и ќе ни стане јасно.

Митрополит Антониј Блум
Митрополит Антониј Блум

Постојат и крајности во подвижничкиот живота, па така, митрополитот Антониј (Блум) раскажува еден индикативен настан од неговото долгогодишно архипастирско искуство. Еден свештеник бил поставен како надзорник при изградбата на една црква. Притоа, тој толку посветено ја работел таа служба, што дури и дома не си доаѓал, од утро до мрак бил кај црквата. Но неговата сопруга и деца биле постојано сами и незадоволни од него, и му се пожалиле на владиката. Богомудриот владика го повикал свештеникот на разговор, и му кажал, дека попусто се труди околу градењето на црквата, штом дозволил да му се разруши неговата домашна црква – семејството. Попусто е да изгради и уште десет цркви, ако неговото семејство се распаѓа. Таквиот труд не е од Бога благословен. Свештеникот ги примил поуките на неговиот архиереј, и почнал со поголемо расудување да работи, и да се грижи за градењето на црквата, но подеднакво се грижел и за потребите на неговото семејство – домашната црква, па така, и бракот си го зачувал, и црквата ја изградил.

Во житието на светиот старец Јаков Цаликис читаме еден настан, кој е во непосредна врска со темава за која зборуваме, а воедно е и одговор на поставените прашања.

Едно благочестиво семејство имало 9 деца. Сопругот бил многу побожен и многу ревносен во духовниот живот. Буквално сакал да живее како да е калуѓер. Неговата жена се жалела кај старецот дека многу се изморува и барала помош. Кога доаѓала во манастирот сама со децата, тие плачеле, викале, а плачела и таа зашто била преморена…

Тој, пак, нејзиниот сопруг, одел во еден параклис на „Светите Бесребреници“ и таму правел метании, се молел со бројаница и бдеел.

Сопругата отишла и се жалела со плачење кај старецот, а и имала право.

Наредниот ден старецот штом ги видел во дворот заедно, сфатил дека нешто се случува и дека се имаат скарано помеѓу себе.

Старецот со благи зборови и расудување зборувал со натажената мајка за да ја утеши, а храбро и внимателно со насмевка му рекол на таткото: „Ти се израдував вчера. Пееше цела ноќ и се молеше. Добро направи! Но ќе имаше поголем благослов и награда, ако седеше половина час, а не три часа, и ако беше близу до жена ти и ако ѝ помагаше да ги нахрани децата за да спијат.

Бидејќи, за вас брачните, бројаница и метании се вашите деца. Кога ќе пораснат ќе имате време и за молитви и бројаница…

Старец Јаков Цаликис, иконичен портрет
Старец Јаков Цаликис, иконичен портрет

Царевите се должни да ја чуваат и бранат својата земја и Црква, а ако е потребно и во војна да одат против непријателите, и пак Бог ќе ги дарува со светост за нивниот труд. Светите воини се бореле против непријателите, во одбрана на татковината и убивале во војните, но не се извалкале во други телесни и духовни гревови, не застраниле во многубоштво или ерес, и затоа Бог ги прославил со светителски венци. Светителите и преподобните се молеле, се бореле со своите страсти и гревови, и заради силните напори и победата над себе, Бог ги направил свои свети садови, свои свети инструменти, преку кои Он ни говори. Девствениците се избориле со плотските страсти и своето тело го покориле под духот, и затоа Бог им дал светост. Покајниците се откажале од старите гревови и со многу голем подвижнички напор и труд успеале да ги очистат своите умови и срца од сите страсти и од сите гревови, па Бог, Кој сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познание на вистината (1.Тим. 2, 4), им ги простил сите гревови, и ги направил побели и почисти и од снегот.

Според сè што беше кажано погоре следува заклучокот дека, петте минути кои родителот ги користи за молитва, додека го успива своето дете, имаат иста вредност пред Бога, како и петте часови на монахот во молитва. Никој не бара од родителот да се моли со часови, како што никој не бара од монасите да се грижат за деца. Оние кои ќе успеат во ова лудо време да го сочуваат својот брак во светост, и да ги воспитаат правилно во верата своите деца, таквите од Бога ќе добијат поголема награда и светост, од многумина кои се откажале од светот, и Бог таквите ќе ги насели во населбите на светителите и мачениците, затоа што добро се бореле со добар подвиг (1.Тим. 6,12), патот го завршиле, верата ја запазиле (2. Тим. 4, 7).