Во денешното Евангелие за исцелението на десетте лепрозни може да видиме повеќе поенти. Јас би зборувал само за една, за чудата и нашиот однос кон нив.

Обично кога ќе се случи некое чудо, на пример, како што се случи во Скопје пред некоја година, со мироточивата икона, или чудесното чистење на фреските, еден дел од народот, оние воцрковените вистински верници веднаш со радост ја прифаќаат веста. Втората група одат од љубопитност, за да се сликаат и да се фалат дека ете ја виделе таа сензација. Никакво влијание не се гледа во нивниот живот после тоа чудо. А третите длабоко се сомневаат или сосема го отфрлаат чудото. Ќе испитуваат, ќе измислат безброј претпоставки и докази кои се против вистинитоста на чудото, само за да си докажат на себеси и на другите, дека тоа чудо и не е баш чудо. Од друга страна, пак, кога ќе се прошири некаква вест за неморал кај свештенослужителите на Црква, тогаш сите стануваат верници. Ретки се оние кои се сомневаат во таквата информација, само оние малкумина воцрковен верници ќе се помолат за оној кој бил јавно дискредитиран или ќе се обидат да го оправдаат, и ќе продолжат да живеат како христијани, додека пак останатите, ќе фрлат без број отровни стрели и камења по целата Црква, се разбира без испитување или сомнежи, без барање на докази. И во првиот случај со чудото, и во вториот со скандалите, се работи за вера. Вера во Бог или вера против Бог.

Секогаш имало чуда, уште од времето кога Христос Господ проповедал меѓу народот, се случувале многу чудесни настани, од кои делумно се запишани во Евангелието. И во житијата на апостолите има многу чудесни настани, и овие чуда од првиот до дваесет и првиот век не престануваат во Црквата. Бог е жив, Црквата е живо Тело Христово, низ кое течат благодатните животворни сокови на Светиот Дух, и сите кои се хранат од ова тело Христово, постојано ќе бидат сведоци на чудата Божји.

Светите отци на Црквата нѐ предупредуваат и нѐ поучуваат дека вистинско и најголемо чудо е светата Литургија, односно Светата Причест, кога на Бога Му принесуваме дарови од она што Он ни го дал, обични леб и вино, а Бог ги претвора во вистински тело и крв Негови. И ако со вера и претходна подготовка ги примаме, оваа Причест ќе ни биде и нам за осветување.

Второ големо чудо е кога човек грешен ќе се покае, и Бог ќе му прости, и ќе го измие од гревовната нечистотија, и ќе го прими како свое дете. Колку е голема оваа љубов Божја, не можеме ни самите да сфатиме. Некои од светите отци ја нарекуваат луда љубов Божја, бидејќи она што за нас е невозможно, за Бог е можно. Она што за нас е гнасно и грдо, Бог може да го разубави. Оние кои според нашите критериум се лоши, оние кои убиваат, кои крадат, кои прават разни злосторства, и кои според човечката логика и закони заслужуваат казна, Бог им простува и ги прима како свои деца, само ако се покајат. И ќе им прости и ќе ги помилува и ќе ги ослободи од казна. Бидејќи сите сме Негови деца и Он се грижи за сите нас и посакува сите да сме здрави и да сме во Негова близина, а оние кои прават разни гревови, пред Бог се како болни деца, кои поради болеста не знаат што прават.

Овие две чуда се најголеми и најзначајни и нѐ водат кон спасение, и само тие чуда да ги бараме, а секое друго чудо е само мала утеха кога паѓаме во верата, па Бог чудесно интервенира за да нѐ утеши, за да нѐ укрепи да останеме верни до крај.

Свештеник Јани Мулев